Одбележување на 19 Мај – Светски ден на матичните лекари

By | мај 19, 2020

Почитувани,

Здружението на лекари по општа семејна медицина (ЗЛОМ/СМ) заедно со Центар за семејна медицина Медицински факултет Скопје и оваа година го одбележува 19 Мај под мотото:

„Семејните –општи лекари на прва линија во справување со Ковид 19“

„Сакаме да ја предочиме оваа тема затоа што е релевантна за предизвиците и одговорностите на матичните лекари во справување со пандемијата со корона вирус и воедно да потенцираме дека матичните лекари имаат важна улога во справувањето со појавата на пандемијата како и клучна улога во грижата за пациентите со ковид 19.“ – Светска организација на докторите по семејна и општа медицина (WONCA).

Во време на пандемијата на Ковид 19, матичните лекари беа и се уште се на првата линија во справување со овој вирус. Следејќи ги насоките на Министерството за здравство и ФЗОМ, ги спроведуваат принципите на семејната медицина, даваат сеопфатна, специфична и континуирана здравствена заштита за сите пациенти независно од возраст, пол или болест.

Пандемијата активно ги вклучи семејните општи лекари во едукација, скрининг, тријажа, дијагноза и третман во домашни услови на пациенти со Ковид 19. Од воведување на алгоритмот за скрининг за Ковид 19 од 23 март до 30 април, вкупно 3131 пациент беа закажани за тестирање, а 730 пациенти со просечна возраст од 41 година со докажан Ковид

19 беа следени во домашни услови по телефон од страна на матичните лекари со вкупно 7890 евидентирани телефонски контроли. Секако овие бројки не ја вклучуваат секојдневната ангажираност преку телефон во поддршка на пациентите и нивните семејствата, советување за заштита на ризичните групи на пациенти пред се на старите лица, хронично болни пациенти и бремени жени.

Бројките од “Мој термин” покажуваат дека пациентите се придржуваат до советите на Министерство за здравство и матичните лекари да не доаѓаат непотребно во ординација, да ја користат телефонската консултација за своите здравствени проблеми. Во споредба со јануари-март, во април, бројот на посети кај матичен лекар е преполовен и во просек имало по 17 прегледи на ден. Бројот на упати кон секундарно специјалистичко консултативна амбуланта беа намалени за 6 пати (од 233 887 во јануари, 127 225 март и 37 000 април) како и итни упати кои се преполовени (од 17354 на 8211 упати во април)

И покрај ризикот на кој секојдневно се изложени тимовите на матичните лекари и нивните семејства, несебично се вклучија во заедничката борба со корона вирусот со сите здравствени работници во земјата. Се прилагодија кон новите насоки за комуникација по телефон, но и оставија простор за директен контакт со целосна лична заштитна опрема онаму каде се наметнува потреба да се прегледа пациентот. Матичните лекари стојат зад оваа успешна грижа и комуникација со пациентите кои пак и им дадоа силна поддршка и ги почитуваа препораките.

Со нивната ангажираност и посветеност, го амортизираа притисокот врз секундарното и терциерно ниво за пациентите и допринесоа за успешно справување со пандемијата, намалување на кривата на новозаболени и растеретување на болничкиот сектор.

Упатуваме Благодарност до Министерот за здравство доц. др. Венко Филипче, за пофалните зборови и признанието кое го дава на матичните лекари за нивното учество во справување со Ковид 19 .

Силен систем на примарна здравствена заштита е од суштинско значење за обезбедување „Здравје за сите“ што е мото на СЗО. Континуирана медицинска едукацијата и специјализација се составен дел во обезбедување на висококвалитетна грижа. Здружението заедно со Центарот за семејна медицина, Медицински факултет Скопје, веќе почна со организирање на on line едукации за матични лекари со теми од интерес: Ковид 19, лична заштитна опрема, ментално здравје и хроничните незаразни заболувања.

Специјализацијата и доедукацијата по семејна медицина, усогласена со Европските програми започна во 2010 година. Со препознавање на компетенциите на семејниот доктор од страна на Министерот за здравство, доц др Венко Филипче и со продолжување на доедукација до декември 2025 година (Сл.весник бр.120, од 11.05.2020 г.), се надеваме дека семејната медицина ќе биде од интерес на матичните лекари, но и на младите доктори на кои им е овозможена платена приватна специјализација.

Особено со новините кои ги воведува ФЗОМ за стимулација на специјализанти и специјалисти по семејна медицина, како и проширување на обемот на услуги на специјалистите по семејна медицина, се надеваме дека ќе се зголеми интересот кај младите специјализанти.

Од особена важност е семејните-општите лекари внимателно да ги следат пациентите кои прележаа Ковид 19 и рано да ги откриваат можните последици од него, за кои сеуште малку се знае: срцева слабост, коагулопатии, тромбоза на длабоки вени, бубрежни заболувања кои се опишуваат како можни компликации од Ковид 19. Матичните лекари активно ќе се вклучат во холистичко решавање на проблемите со кои се соочуваат пациентите од социјален, психолошки и физички аспект, со особен акцент на пациентите кои го прележаа вирусот на Ковид 19.

Внимателно ќе се следат пациенти со постоечки незаразни болест во нови услови на комуникација.

Предизвик на матичниот лекар е и решавањето на проблемите со менталното здравје од типот на флешбек, чувство на вина, вознемиреност, пореметен сон и други, кои неретко се присутни кај пациенти по прележан Ковид 19 и домашното насилство кои уште повеќе ја нагласуваат нивната улога, бидејќи повторно е ставен на првата линија, првиот контакт со пациентите и препознавањето и поддршката на пациентите.

Секако дека тоа дополнително ќе го зголеми интензитетот на употреба на здравствени услуги.

Сето ова наметнува и нов начин на соработка со секундарно и терциерното ниво на здравствена заштита и заедничко споделување на грижата и третманот на нашите пациенти.

Да не забораваме дека големата одговорност која ја носиме ќе придонесе и до burn-out синдромот кај семејните-општи лекари.

Со цел унапредување на ПЗЗ и практично реализирање на новиот модел на интегрирана здравствена заштита во соработка со СЗО, Министерство за здравство, ФЗОМ, ЛКМ и професионалните здруженија беа формирани повеќе работни групи со задача да подготват шифрарници и листа на услуги за ПЗЗ како и протоколи за работа за 4 најчести хронични заболувања: Хипертензија, Дијабетес мелитус, Астма и ХОББ и Хипотиреоза. Новиот модел и протоколите требаше да се презентираат на 5-ти Конгрес и 25- ти Симпозиум на ЗЛОМСМ под мотото “Семејна медицина – реалност и иднина” но поради пандемијата истиот беше откажан. Се надеваме дека во наредниот период ќе се финализираат протоколите и моделот на примарна заштита многу брзо ќе се стави во функција.

Во наредниот период матичните лекари ги очекуваат нови предизвици: развивање на дигитални решенија за комуникација во примарна заштита и електронска комуникација со секундарно и терциерно ниво; инвестиции во ПЗЗ и финансиска поддршка на амбулантите на семејниот-општиот доктор се со цел да може да се обезбеди квалитетна здравствена грижа за пациентите; јакнење на мултисекторската соработка со патронажните сестри, социјалните служби.

Семејните доктори мора да бидат вклучени и во донесувањето на одлуки, во здравствените политики на земјата, комуникација со меѓународната заедница која ја отвори вратата на поддршка ширум целиот свет се со цел да се обезбеди универзална здравствена заштита за сите граѓани.

Примарната здравствена заштита е портата на здравствениот систем и социјалните услуги, каде се решаваат повеќето здравствени потреби. Првиот контакт е важен аспект за пациентот кој пристапува кон целиот спектар на други здравствени услуги. Кога пациентот има здравствени проблеми, примарната здравствена заштита обезбедува точка на влез, а ваквата точка треба да биде корисна и достапна за сите на кои им е потребна.

Пациентите му веруваат на својот матичен лекар. 

Матичниот лекар е посветен на грижата за здравјето на своите пациенти.

Треба да бидеме горди на придонес на матичните лекари во справувањето со оваа светска здравствена криза. Ковид 19 ги тестира капацитети на матичните лекари, но тие ги исполнија очекувањата и одговорија на предизвикот со знаење, љубезност и дарежливост. Задача на матичните лекари е и ќе биде да го дадат најдоброто од нив и тоа што го работат.

Честитки до сите лекари по општа/ семејна медицина
Останете во добро здравје, горди и обединети.
Не заборавајте, заедно ќе ги надминеме сите проблеми.

Здружение на лекари по општа медицина/семејна медицина
Претседател,
Др Катерина Ковачевиќ

Координатор
Центар за семејна медицина, Медицински Факултет Скопје
Проф.др Катарина Ставриќ