ОДГОВОР НА ОБЈАВЕНИОТ НАПИС ВО “СЛОБОДЕН ПЕЧАТ”, ПРЕНЕСЕН ОД ПОСТ ОД FACEBOOK

By | април 12, 2021

Македонско лекарско друштво е најстара и најбројна професионална организација на лекарите која постои 76 години и е аполитична и непрофитабилна. Доделувањето на наградите и признанијата е регулирано со Статутот и Правилникот на МЛД (член 58), а се доделуваат врз основ на предлозите на стручните и регионалните здруженија. Со други зборови, самите доктори ги предлагаат своите Колешки и Колеги за тие НАГРАДИ и ПРИЗНАНИЈА, а анонимната комисија на МЛД ги потврдува нивните предлози. Наградите не се врзани за никаква финансиска добивка.

Едната од информациите која пишувачот на дописот не ја знае е тоа дека почитуваниот колега, Д-р Илир Демири мината година во април, само еден месец по почнувањето на пандемијата има добиено признание од Македонското лекарско друштво. Во нашиот Правилник јасно стои дека за добивање на друг вид награда или признание треба да поминат 5 години истиот кандидат да биде предложен. Не може секоја година ист доктор да добива награда.

Меѓу другото, Македонското здружение на инфектолози доби специјално ПРИЗНАНИЕ и секој негов член поединец за нивниот ангажман против Ковид 19. Други награди и признанија се доделени за: успешно направената прва трансплантација на срце во државата, за огромен број на хируршки операции на рак во кариерата, за самопрегорна работа со огромен број на ризични пациенти со проблеми со менталното здравје, зависници од алкохол и дрога.

Затоа како ЗАКЛУЧОК Ве молиме да не се мешате во ОДЛУКИТЕ на СТРУЧНАТА ФЕЛА и предлозите кои самите си ги носат, а ние самите некогаш и како лекари, но и како пациенти можеме да имаме “свој фаворит-доктор” – кој нè излечил, нè оперирал или ни го спасил животот и на кој ќе му бидеме бескрајно благодарни и ќе сакаме тој да биде награден.

Со почит,

МАКЕДОНСКО ЛЕКАРСКО ДРУШТВО