Од 7 до 10 мај 2026 година, во просториите на Деканатот на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржува Третиот Македонски конгрес за медицина на трудот со меѓународно учество и Четвртата Меѓународна конференција на Научниот комитет за медицина на трудот при ICOH.
Настанот обединува над 150 учесници од повеќе од 20 држави, овозможувајќи размена на искуства, научни сознанија и современи пристапи од областа на медицината на трудот.
Во фокусот се актуелни теми поврзани со климатските промени и здравјето на работниците кои работат на отворено, употребата на вештачката интелигенција во медицината на трудот, влијанието на аерозагадувањето врз здравјето на работниците, како и унапредувањето на менталното здравје на работниците.
Конгресот претставува значајна можност за професионално поврзување, научна соработка и следење на најновите светски трендови во оваа област.

