Легендите живеат вечно – Прим. д-р Милош Р. Грубовиќ

By | April 12, 2023

Прим. д-р Милош Р. Грубовиќ e еден од основоположниците на трансфузиолошката служба во РМ и основоположник на доброволното крводарителство во РМ. Својата стручност и професионалност ја покажуваше и ја докажа на повеќе полиња, секогаш на најдобар можен начин исполнувајќи ја Хипократовата заклетва и е горд пример за тоа што значи да се подаде рака и да се спасат животите на илјадници луѓе.

  Активно работеше на унапредување и промовирање на Македонското лекарско друштво и Лекарската комора на Македонија, кои ги претставуваше на најдобар можен начин, како во Македонија, така и во тогашна СФРЈ и пошироко. За неговите заслуги и постигнати резултати од значење на напредокот на државата, д-р Грубовиќ е одликуван е со Орден на труд со сребрен венец од Претседателството на СФРЈ, а за својот голем хуманизам и значителен допринос во унапредување на здравството и крводарителствотo ја доби “13. Ноемвриска награда” од градот Скопје и “21. Јулската награда” на градот Беране, Црна Гора, каде што беше роден. Тој е добитник и на многу други највисоки државни награди и признанија на териториите на бившата Југославија, Македонија и Црна Гора. Со заминувањето на Прим д-р Милош Р. Грубовиќ РС Македонија и Македонското лекарско друштво изгубија еден голем професионалец, хуманист и филантроп. Но легендите никогаш не умираат, тие живеат вечно.

Биографија

Прим. д-р Милош Р. Грубовиќ е роден на 17.02.1941 година во Југовине, Беране, Црна Гора. Основното и средното образование ги завршил во Беране. Во 1962/63 година се запишал во Медицинскиот факултет во Скопје и станал еден од најдобрите студенти, поради што од втората година од студиите до дипломирањето води вежби како демонстратор по анатомија на студентите по медицина. По дипломирањето заминал да отслужува воен рок во Нови Сад и Ниш, а работел во стационарното одделение во Воената болница во Ниш и во амбулантата, каде што станал омилен лекар поради доброто однесување со пациентите и неговата стручност во работа, за што неколку пати пишуваа весниците. Следните две години работи во Гостивар, а оттогаш има пријателства кои продолжуваат до денес. Од 1971 година работи како асистент на Медицинскиот факултет во Скопје по предметот Анатомија и држи вежби на студенти по медицина, стоматологија и на Факултетот за физичка култура, сè до вработувањето во Републичкиот завод за трансфузија (РЗТ). Во 1977 година е реизбран за асистент на Медицинскиот факултет во Скопје. Специјализацијата трансфузиологија ја завршил во 1978 година, а во 1987 година е избран за Примариус.

По доаѓањето во Републичкиот институт за трансфузиона медицина (сегашен ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина на РСМ) во јули 1973 година, веднаш бил назначен за раководител и формирал Оддел за мотивација, организација и подобрување на крводарителството, со кое раководел до неговото пензионирање. Во периодот кога се формираше Одделението, бројот на крводарители во Скопје и во Република Македонија беше прилично мал, околу 7.000 крводарувања годишно, од кои најголемиот дел беа платени крводарители, а помал дел беа семејни дарувања крв, кои беа недоволни за лекување на болните и повредените во здравствените установи во Македонија. Оттогаш, со својата работа и посветеност, тој го зголеми доброволното дарување крв на 64.000 дарувања во 1989 година, додека семејното дарување крв речиси и да го снема.

Прим. д-р Милош Р. Грубовиќ е основоположник на доброволното, анонимно и бесплатно дарување крв во Република Македонија и горд пример за тоа што значи да се подаде рака и да се спасат животите на илјадници луѓе. Својата стручност и професионалност ја покажуваше и ја докажа на повеќе полиња, секогаш на најдобар можен начин исполнувајќи ја Хипократовата заклетва, пред се со обезбедување доволни количини крв и крвни продукти за болните и повредените ширум нашата држава, како и при лекување на пациенти со различни патологии кои се лекуваа во Клинички центар во Скопје. Учествуваше во голем број хуманитарни акции со различни видови помош секогаш кога можеше и каде што беше потребно.

Активно работеше на унапредување и промовирање на Македонското лекарско друштво и Лекарската комора на Македонија, кои ги претставуваше на најдобар можен начин, како во Македонија, така и во тогашна СФРЈ и пошироко. Учествувал во збратимувањето на Црногорското лекарско друштво (ЦЛД) со Македонското лекарско друштво (МЛД) и во проширувањето на соработката. Работејќи на организацијата на крводарителството, тој имаше можност и беше присутен во сите општини во Македонија и поранешна СФРЈ, како и во други европски земји (Швајцарија, Германија и др.). Објавил над 150 научни и стручни трудови во домашни и меѓународни медицински списанија и учествувал на голем број домашни и меѓународни конгреси, симпозиуми и семинари.

Во текот на својата кариера активно беше вклучен во раководната политика на Републичкиот завод за трансфузиологија. Бил претседател на Управниот одбор на РЗТ, неколку пати претседател на Синдикатот на РЗТ, член на Советот за труд и претседател на делегацијата на РЗТ, како и член на Советот на Републичкиот синдикат на Македонија. Бил потпретседател на Координативниот комитет на Републичката конференција на Социјалистичката алијанса на Република Македонија, претседател на Координативниот комитет за крводарителство на општинската конференција на Социјалистичката алијанса на Република Македонија – Центар и член на Советот на Здравствениот дом на Скопје, како и член на Републичката комисија за дарување крв при Собранието на Црвениот крст на Република Македонија. Беше делегат и во Комитетот за здружена работа на општина Центар и претседател на Комитетот за општествени дејности и унапредување на човековата средина. Бил претседател на СИЗ за Центар за физичка култура – 2 години и член на истиот одбор во ГКССРН.

Долгогодишен член е на Македонското здружение на трансфузиолози, на Македонското лекарско друштво, на Лекарската комора на Македонија и на Меѓународното здружение на трансфузиолози. Прим. д-р Милош Р. Грубовиќ беше основач и прв претседател на Здружението за црногорско-македонско пријателство во Република Македонија, а потоа беше реизбран за доживотен претседател. Беше и коосновач на Заедницата на црногорците во РМ и претседател на КУД Ибе Паликуќа. Со големо задоволство соработуваше со медиумите и беше гостин во преку 1000 радио и телевизиски емисии, како и во голем број електронски медиуми.

Награди и признанија:

 

    • За заслугите и за постигнатите резултати во работата кои се значајни за напредокот на државата одликуван е со Орден на трудот со сребрен венец од Претседателството на СФРЈ во 1984 година.

    • Добитник е на Златниот знак на Црвениот крст на Република Македонија – како признание и благодарност за неговата долгогодишна успешна работа во ширење на здравствената култура меѓу населението и за развивање хуманизам и солидарност меѓу луѓето.

    • Добитник е на медалот на Црвениот крст на Република Молдавија како признание за подобрувањето на крводарителството во Република Молдавија

    • Добитник е на Повелба и плакета од Републичкиот завод за трансфузиологија за неговиот придонес во развојот на крводарителството и трансфузионите активности во Република Молдавија.

    • Добитник е на највисокото признание на Македонското лекарско друштво – ПОВЕЛБА (2016), како и на плакета, диплома и благодарница.

    • Добитник е на највисокото признание на град Скопје “13. Ноемвриска награда” (2008) за неговиот голем хуманизам и значаен придонес во унапредувањето на здравството и крводарителството во градот Скопје и Република Македонија.

    • Добитник е на највисокото признание на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – ПЛАКЕТА на Универзитетот Св. Кирил и Методиј (2007) како признание за неговиот придонес во афирмацијата на Универзитетот

    • Добитник е на најголемото признание на градот Беране – “Наградата 21. Јули” (2009) за неговиот хуманизам, голема професионалност и стручност и филантропија.

Зад Д-р Грубовиќ останува ужаленото семејство – споругата Илинка Дракулевска Грубовиќ, универзитетски професор по англиски и француски јазик, ќерките доц. д-р Рада М. Грубовиќ Растворцева, спец. трансфузиолог – супспец. хематолог, м-р по бизнис Наталија Грубовиќ Глушац и м-р по европски интеграции Марија Грубовиќ Тодоров, внуците Лука Цемовиќ, дипл. правник и мастер по правни науки, Милош и Ања Делевиќ – студенти, Илинка Растворцева и Натали Глушац и зетовците Алексеј Растворцев, светски признат ракометар, Дрен Глушац, бизнисмен и Бојан Тодоров, електроинженер и бизнисмен.

Со  заминување на Прим д-р Милош Р. Грубовиќ РС Македонија изгуби еден голем професионалец, хуманист и филантроп. Но легендите никогаш не умираат, тие живеат вечно.