Македонското лекарско друштво (МЛД), професионална организација на докторите по медицина во Македонија, едно од најстарите и најреномирани професионални здруженија воопшто во земјава, кое на 26 август наврши 80 години постоење (формирано е во 1945 година како Здружение на лекари, стоматолози и фармацевти), го одржа 21-виот Конгрес на лекарите на Македонија, изминативе 4 дена (од утрото на 11-ти септември до доцна попладне на 14-ти септември) во Скопје.
Со околу 600 учесници и многу еминентни предавачи од Македонија и 11 земји, овој Конгрес беше најмасовниот медицински собир во домашната историја. Конгресните активности се одвиваа во три сали во хотелот “Холидеј Ин“.
На свеченото отворање на 21-от Конгрес на лекарите на Македонија, во четвртокот вечерта, говореше и Министерот за здравство Проф. Азир Алиу. Тој посебен акцент става на дигиталното здравство и дигитализацијата како клучни столбови за унапредување на здравствениот систем.
– Новото софтверско решение кое го подготвуваме ќе им овозможи на пациентите полесна комуникација со лекарите, следење на здравствените индикатори и навремени реакции од страна на матичните лекари и специјалисти, Ваквите конгреси се извонредна можност за размена на знаења и искуства и придонесуваат кон подигнување на нивото на медицинската наука и практика. Сигурен сум дека токму преку заеднички ангажман и постојана едукација ќе изградиме здравствен систем кој е современ, фер и достапен за сите граѓани, рече Министерот Алиу.
Непосредно пред свеченото отворање Министерот Алиу имаше интересно излагање на тема дигитализацијата во здравството, во рамките на сесија од Македонското здружение за дигитално здравство. Тој го сподели ставот дека дигитализацијата е патот кон поефикасно и поправедно здравство.
На свеченото отворање се обрати и Претседателот на МЛД Проф. д-р Горан Димитров, кој го истакна значењето на МЛД во едукацијата и после завршувањето на нивното медицинско образование и за зачувувањето на угледот на лекарската професија.
Во петокот вечерта, со добра организација и извонредна содржина, во Македонскиот народен театар (МНТ) свечено беше одбележан големиот јубилеј – 80 години на МЛД. Присутните на свечената прослава уживаа и во документарниот филм за 80 години МЛД. Овации кај многумина измами прекрасниот, мошне инспиративен и емотивен говор за МЛД што го одржа Претседателката на Македонија Г-ѓа Гордана Силјановска – Давкова. Прекрасни беа изведбите пред сè на вонсерискиот оперски пејач Проф. Иван Наумовски, но и на детскиот хор “Пиколо“ од ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј“ од Скопје, под диригентската палка на маестра Проф. Весна Димчевска, како и видео обраќањето и пофалните зборови што за МЛД ги искажа д-р Отмар Клојбер Генерален секретар на Светската Медицинска Асоцијација (WMA) која во среда (17-ти септември) ќе наврши 78 години од формирањето…
Проф. д-р Горан Димитров, претседателот на оваа најстара, за многумина и најреномирана, лекарска асоцијација во Македонија, во име на МЛД, додели златна јубилејна плакета на Претседателката на Република Македонија Г-ѓа Гордана Силјановска – Давкова, потоа врачи плакети уште на: лекарски здруженија од седум странски држави, доктори од пет странски земји, шест домашни медицински факултети и организации како и на младиот, вреден, домашен д-р Онур Дика, претседател на Организациониот одбор на конгресот.
Претседателот на МЛД го потенцираше значењето на одличното списание, угледно и во меѓународни рамки, и е најстарата стручна медицнска публикација во Македонија, „Македонски медицински преглед“ (ММП), кое во јуни 2026 година ќе наврши 80 години од своето постоење. ММП е симбол на научната и професионалната историја на македонската медицина. На прославата претседателот Димитров најави дека по неколку недели свечено ќе ја промовираат и Монографијата за 80 години постоење на МЛД.
Македонското Лекарско Друштво е зачетник и еден од главните столбови на македонското здравство, извор е на првиот наставнички кадар на Медицинскиот факултет, иницијатор на идејата за (и основач на) -Лекарската комора на Македонија. Со децении соработува со Светската медицинска асоцијација (WMA), Светската здравствена организација (WHO), Европскиот форум на лекарски асоцијации (EFMA), Асоцијацијата на специјалисти по медицина на Европската Унија (UEMS). МЛД беше иницијатор на формирањето на двете најголеми регионални лекарски асоцијации: Форумот на лекарските асоцијации на Југоисточна Европа – SEEMF (во 2005 година) и Балканската медицинска докторска асоцијација – BMDA (годинава). Преку своите регионални и специјалистички здруженија, член е на повеќе од 80 меѓународни лекарски здруженија и сродни професионални асоцијации. Денес МЛД обединува повеќе од 5.000 лекари од сите профили, организирани во околу 72 специјалистички и супспецијалистички здруженија и 20 подрачни здруженија. Главен е двигател на континуираната медицинска едукација и континуираниот професионален развој на докторите по медицина и сродните професии.
Помеѓу другите многубројни и мошне значајни признанија, МЛД е добитник и на државните награди „Св. Климент Охридски“ во 1995 година и „11 Октомври“ во 2005 година, потоа награда за допринос во развојот на Форумот на Медицински Асоцијации на Југоисточна Европа (SEEMF) во 2015 година, плакета во знак на признание и благодарност за придонесот во развојот и афирмацијата на Медицинскиот Факултет при УКИМ “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2022 (а по повод 75-годишниот јубилеј на факултетот), благодарница за особен придонес и поддршка на Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип во 2023 година. „Македонски медицински преглед“, кој излегува и на англиски јазик, за постигнатите резултати на својот 40-годишен јубилеј, во 1986 година, беше одликувано од претседателството на СФРЈ со Орден за заслуги за народот со сребрена ѕвезда. Мошне важно е и другото списание на МЛД – “Лекарски весник“ кое се печати повеќе од десет години.
На говорницата во МНТ, Претседателката на Република Македонија, Г-ѓа Гордана Силјановска – Давкова, помеѓу другото, рече дека за неа медицината останува најценетата, најхуманата, најпосакуваната професија. Таа кажа дека јубилејот означува осум децении макотрпна и посветена работа, континуирана, силна поддршка на здравството и на лекарската професија, храбра борба за поздрави граѓани, за функционална и ефикасна здравствена заштита, за пристојно здравство.
Претседателката Силјановска – Давкова истакна дека егзодусот на најдобрите лекари, медицински сестри и друг медицински кадар е тешка општествена болест и укажа на итната потреба од негово лекување, преку одлучна битка за задржување на најдобрите дома, во македонските здравствени установи како нејефикасен здравствен процес за надминување на опасната криза на недостиг на кадар, нужен за подобрување на нарушеното здравје на нацијата. Таа длабоко заблагодари на сите лекари за секој спасен живот, секоја победена болест, секој излекуван пациент и изрази восхит кон нив за решеноста и способноста стоички и достоинствено да го носат товарот на професијата.
– Осумте децении се континуирана, силна и храбра поддршка на здравствениот систем и на медицинската професија. Длабоко верувам дека улогата на Друштвото никогаш не била само организациска, туку и образовна, научна и реформска, хумана и етичка! Здравствената заштита е темелот и столбот на едно општество. Да се биде лекар за мене е повеќе од професија. Тоа е повик, обврска што не престанува ни кога завршува работното време на другите, ни кога ќе се изгасат светлата во болничките ходници. Наша, и моја обврска е да создадеме услови младите лекарки и лекари да ја гледаат својата иднина тука, дома, лекувајќи нè нас. Вие сте за мене срцето на македонската држава. Вие сте за мене крвотокот којшто ѝ дава сила. Вие сте кислородот без којшто не може да опстанеме. Како што правилниот пулс е знак за здрав организам, така и здравите граѓани се доказ за силна држава, истакна претседателката Гордана Силјановска Давкова.