На 28.01.2025 година во хотелот “Панорамика”, одбележувајќи ја Светската недела за борба против ракот на грлото на матката, се одржа пресс конференција за медиуми, во организација на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија (МЗЦПК) и Македонско лекарско друштво (МЛД)
ЦЕРВИКАЛЕН КАРЦИНОМ И ХПВ АСОЦИРАНИ БОЛЕСТИ- ГЛОБАЛЕН И РЕГИОНАЛЕН ПРОБЛЕМ
Со интеција за подигање на свеста против ова подмолно смртоносно заболување, Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија и Македонското лекарско друштво, пред бројно присутните медиуми, на едно место ги собра најкомпетентните стручњаци во своите дејности, кои во оваа прилика ја повикаа јавноста за превземање на поенергични превентивни мерки и на масовна ХПВ вакцинација во насока на сузбивање на ракот на грлото на матката кај жените.
Проф.д-р Горан Димитров , претседател на МЗЦПК и претседател на МЛД смета дека превенцијата лежи во редовно одење на прегледи, земање ХПВ тест и вакцинација. Презентирајќи ја состојбата на светско ниво со ова заболување потенцираше дека родово неутралната вакцинација ја поттикнува правичноста и им дава можност и на мажите да имаат директна заштита за да се намали ризикот од трансимија.
– Инциденцата на ракот на грлото на матката е некаде меѓу 11,12,13 жени на 100.000 што значи ние не сме толку лоши. Ние сме некаде во средината кога зборуваме за Европа. Полошо од нас стојат Бугарија, Романија, Русија. Во регионот, најдобро стои Словенија, – одговори тој на новинарско прашање.
Димитров потсети дека се уште не е воведен „синиот термин“ што го предложиле како професионални здруженија кажувајќи дека тоа е една добра работа и значи сите дијагнози што се малигни, не зборуваме само за ракот на грлото на матката, да имаат слободни термини – сини, каде докторите ќе може да закажат каква било потребна интервенција. Дали е тоа за предоперативна подготовка, или тоа е за следењето на болеста. Кога ќе се кликне на „Мој термин“, треба да се види дека има сино и тој термин може пациентот да го добие најбрзо што може. Тоа не мора да биде веднаш наредниот ден, меѓутоа барем во наредните 14 дена – потсети Димитров во изјава за медиумите.
За примарна превенција на цервикален карцином и значењето на ХПВ вакцинација зборуваше проф.д-р Александра Грозданова, Национален координатор за иуумунизација на РСМакедонија. Последните податоци кои беа споделени, освен Словенија, во регионот и сите други земји во околината, Македонија е лидер во сегментот на ХПВ вакцинацијата. Двата фактора кои многу влијаат на степенот на вакцинација е дека многу подолго вакцинираме од сите други земји и навистина многу работевме во овој сегмент – изјави Грозданова. Таа потсети дека од лани, во нашата држава е достапна и деветвалентната ХПВ вакцина. Покрај девојчињата, може да се вакцинираат и момчињата.
За модерни стратегии за превенција на цервикален карцином-ХПВ тест како примарен скрининг говореше проф.д-р Ирена Алексиоска Папастиев, директор на ГАК. Проф.д-р Славица Костадинова, управник на Институтот за патологија пред медиумите ја презентораше зголемената улога на патологот во скринингот на цервикален карцином, а за третманот на инвазивни форми на цервикален карцином во нашата земја се обрати проф.д-р Игор Стојковски, претсетседател на Македонска асоцојација на радиотераписки онколози,и директор на клиниката за Онкологија. Особено внимание предизвика и обраќањето на проф.д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонска асоцојација на гинеколози опстетричари (МАГО) и Афродита Шаља, шефица на Канцеларијата на УНФПА во Македонија кои на присутните медиуми им кажуваа за пристапност на вулнерабините групи и неосигурени лица во превенција на цервикален карцином, при што е потенцирана оправданоста од активноста на нивниот заеднички проект, со подршка на Министерството за здравство за “Мобилни гинеколошки амбуланти”. Краен осврт на овој прес дадоа д-р Елена Ристоска, советник во МЗ и д-р Силвана Андов, директор за контрола сектор во ФЗОМ зборувајќи за институционална поддршка на скрининг за цервикален карцином.