Македонско лекарско друштво

Македонското лекарско друштво (МЛД) е професионална организација на докторите по медицина на Република Северна Македонија.

Македонското лекарско друштво е формирано на 12 август 1945 година како Здружение на лекари, стоматолози и фармацевти. Подоцна, фармацевтите и стоматолозите, во 1947 и 2004 година, соодветно, се одвојуваат во сопствени здруженија.

При своето основање МЛД броело само 123 лекари и стоматолози и 96 фармацевти. Денес, МЛД опфаќа над 5000 лекари од сите профили застапени со околу 35% во примарната здравствена заштита и околу 65% специјалисти во различни области, организирани во околу 70 специјалистички и супспецијалистички здруженија и 20 подрачни здруженија според местото на работење и живеење.

Македонското лекарско друштво со своето над седумдесет годишно дејствување преку генерации на лекари и нивната доброволна и несебична заложба и пожртвуваност, претставува еден од главните столбови на македонското здравство и значаен сегмент во вкупниот општествено-социјален развој на Република Северна Македонија.

МЛД е претходник на Медицинскиот факултет како извор на првиот наставнички кадар на факултетот.

МЛД е иницијатор на идеата и основач на Лекарската комора на Македонија.

МЛД има билатерална и регионална соработка со повеќе земји.

МЛД е легитимен долгогодишен член на Светската медицинска асоцијација (WMA) и Европскиот форум на лекарски асоцијации EFMA/WHO. Преку своите специјалистички здруженија МЛД е исто така член и на повеќе од 80 меѓународни специјалистички организации.

На иницијатива на МЛД во 2005 година е формиран Форум на лекарски асоцијации на Југоисточна Европа – СЕЕМФ (South East European Medical forum – SEEMF) од националните лекарски асоцијации на Северна Македонија, Бугарија, Албанија, Грција и Турција. Набргу по формирањето кон форумот се приклучија и Црна Гора, Словенија, Романија и Србија. Во 2010 година, на Првиот конгрес на СЕЕМФ (акредитиран од UEMS, EACCME) кон Форумот се приклучија и медицинските асоцијации на Украина, Казахстан, Белорусија, Латвија, Азербејџан, Ерменија и други земји.

Мисија

Нашата мисија е континуирано подобрување на квалитетот на здравствената заштита на населението преку унапредување и развој на македонската медицина и сродните науки, воспоставување на добра лекарска практика и високи етички стандарди, со што се чува и унапредува достоинството и угледот на лекарската професија, и заштита на интересите и правата на своите членови.

Задачи и цели

Македонското лекарско друштво е главен двигател на континуираната медицинска едукација (КМЕ) и континуираниот професионален развој (КПР) на докторите по медицина и сродните професии.

МЛД своите задачи и цели ги остварува преку:

  • планирано спроведување на стручно усовршување на своите членови преку организирање и поддршка на континуирана медицинска ецукација во форма на конгреси, симпозиуми, стручни состаноци, работилници и други форми на работа;
  • следење и информирање на стручната заедница за развојот на здравството и медицинската наука во Република Македонија преку своите пишани изданија – стручното списание „Македонски медицински преглед“ и информативно-едукативното гласило „Лекарскиот весник“;
  • соработка и планирање на додипломските и постдипломските студии на лекарите;

  • поддршка и поттикнување на научно истражувачки активности преку соработка со научни и високообразовни институции;

  • учество и организација на кампањи и програми за промовирање на иницијативи за заштита на здравјето населението, вакцинации, заразни болести, ХИВ/СИДА, хипертензија, дијабетес, дебелина, пушење, алкохолизам, здрав начин на живот итн.

  • негување и промовирање на лекарската етика преку својот Етички комитет, Кодексот на медицинска деонтологија на Македонија и Етичкиот кодекс на Светското здружение на лекарите, а за етиката во медицинската пракса остварува соработка со релеватните тела на ЛКМ и Медиицинскиот факултет;
  • соработка со Светското здружение на лекарите, Европскиот форум на лекарските Асоцијации и светската здравствена организација, со Форумот на лекарските асоцијации на Југоисточна Европа, со Асоцијацијата на специјалисти по медицина на ЕУ и други сродни професионални асоцијации.

  • остварување и оддржување на билатерална соработка со други лекарски здруженија во Европа и пошироко.